„Изминативе 100 дена бевме посветени на секој граѓанин и секоја општина, инвестирани се над 1 милијарда денари во речиси 200 различни инфраструктурни проекти во сите осум плански региони низ земјава. Реконструкција и изградба на патишта, адаптација и реконструкција на објекти во енергетско ефикасни згради, реконструкција на објекти од областа на образованието и социјалната и здравствена заштита, подобрување на инфраструктурата на туристичко – излетнички места, се само дел од проектните стратегии кои ги имплементиравме за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните“, истакна министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на денешната презентација на активностите и проектите од неговиот ресор во изминативе 100 дена од новата Влада. Тој посочи дека уште првиот ден откако стапил на функцијата, настапил со силна посветеност, голем елан и искрена желба за подобрување на функционирањето на системот на локалната самоуправа, на секој регион, секоја општина, за подобрување на квалитетот на живот на секој еден граѓанин.

Дел од проектите, информираше Перински, се имплементираат преку Бирото за регионален развој, некои во соработка со општините, а има и проекти кое се резултат на партнерските односи на Министерството за локална самоуправа со Швајцарската агенција за обнова и развој, како и со проектните партнери на локалната самоуправа како УНДП, ОБСЕ мисијата и Националниот Демократски Институт – НДИ.

Важен сегмент од инвестицискиот план, посочи министерот, се и проектите од ИПА Програмата, во соработка со сите пет соседни земји кои заеднички придонесуваат за развој на пограничните региони.

„Овие 100 дена беа период на интензивна работа, во кој успеавме да ги надминеме наследените предизвици и да разработиме систем кој максимално ги искористува сите капацитети и ресурси за постигнување на нашите зацртани цели. Со максимална посветеност и ангажман, започнавме со реализација на поставените приоритети. Успеавме да детектираме и адресираме многу од пропустите со кои до неодамна се соочуваа општините, што резултираше со подобрување на квалитетот на испорачаните јавни услуги и подобрување на секојдневието на граѓаните“, истакна Перински, кој посочи дека преку Бирото за рамномерен регионален развој, во тековната година се реализираат 129 проекти во области како енергетска ефикасност, инфраструктура, заштита на животната средина и развој на туризмот.