Трет мобилен оператор во Македонија?

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, на денешната прес-конференција најави дека влезот на трет мобилен оператор ќе зависи од однесувањето на постојните два мобилни оператора. Ако продолжат да ги зголемуваат цените и да го намауваат квалитетот на услугите, тогаш влезот на нов оператор ќе биде неопходен. Но, ако започнат да се натпреваруваат со поевтини и поквалитетни услуги, простор за трет оператор можеби нема да има.

Одлуката е нивна. Ако операторите продолжат да работат вака дуополски, тогаш ќе има простор за нов оператор кој ќе внесе поголема конкуренција,“ изјави Николоски.

Дали мобилните оператори ќе ги подобрат услугите?

Николоски потенцираше дека подобрувањето на услугите и намалувањето на цените е клучно за да не дојде до влез на трет мобилен оператор. Тој нагласи дека граѓаните заслужуваат поквалитетни и поевтини услуги, а Владата нема да дозволи да се нарушува конкуренцијата на пазарот.

„Ако продолжат со покачување на цените и влошување на услугите, трет оператор ќе биде неизбежен,“ додаде Николоски.

Владата нема да попушта: Законските обврски мора да се почитуваат

Вицепремиерот истакна дека Владата нема да прави компромиси со мобилните оператори, како што се случувало во минатото. Тој ја нагласи важноста на почитување на законските обврски и предупреди дека, ако операторите не го почитуваат законот, ќе следат соодветни санкции.

„Никој не сака да гледа сценарија со казни или принудни мерки, но секоја трпеливост има крај. Во следните недели очекуваме резултати,“ порача Николоски, повикувајќи ги операторите да се прилагодат на законските барања.

Притисок за договори со националните телевизии

Министерот ја истакна и потребата операторите да склучат договори со националните телевизии, посочувајќи дека мора да се направи фер договор за плаќање на надоместоците за пренос на програмите преку кабелските оператори. Според Николоски, ова е уште еден важен аспект од законската регулатива што операторите мора да го почитуваат.

„Одлуката е во нивни раце. Убеден сум дека двата постојни мобилни оператора, како и доминантните кабелски оператори, мора да го почитуваат законот. Во моментот, според моето мислење, тоа не се случува. Ги повикувам да го следат законот и се надевам дека ќе го направиме тоа со добра волја, за да обезбедиме најдобра можна соработка со националните телевизии.“

Високи цени и потенцијален влез на трет мобилен оператор

Николоски повторно го потсети јавноста на својата претходна изјава дека високите цени на мобилните и интернет услугите во Македонија се значително повисоки во споредба со поголемиот дел од европките држави. Тој ја истакна важноста на влезот на трет мобилен оператор доколку не дојде до промени во цените.

Мицкоски: Тендер за трет мобилен оператор ќе има

На почетокот на септември, премиерот Христијан Мицкоски потврди дека ќе биде распишан тендер за нов мобилен оператор. Ова следи по потпишувањето на меморандум за соработка со телекомуникацискиот оператор „Фор-ај-џи“ (4iG), кој има стратешко партнерство со „Хуавеј“. Тендерот е дел од планот за зголемување н конкуренцијата во телекомуникацискиот сектор.

Во последниот период, медиумите известуваа за можноста унгарскиот оператор „Фор-ај-џи“ да влезе на македонскиот пазар како трет мобилен оператор.