Пожарот во Чаир е изгаснат

По повеќе од ден и половина борба, пожарникарите конечно го изгаснаа пожарот кој ја зафати зградата во Чаир. Иако огнот е ставен под контрола, зградата сè уште не е прогласена за безбедна. Пожарникарите и полицијата остануваат на теренот, проверувајќи секое ќоше за да го спречат евентуалното повторно појавување на пламен.

Лажни пожарникари фатени во обид за кражба

Додека службите работат на осигурување на зградата, двајца осомничени, преправени како пожарникари, се обиделе да искористат моментот за кражба. Тие биле фатени на дело, како крадат пари и злато од еден од становите. Полицијата брзо реагирала и ги привела осомничените, кои ќе се соочат со кривични постапки.

Станарите и натаму безбедносно загрозени и без свој дом

Многу од станарите сè уште не можат да се вратат во своите домови поради небезбедноста на зградата. Некои од нив поминуваат ноќи во своите автомобили, додека други се сместени кај роднини, дури и во други градови како Гостивар. Засега нема информации кога тие ќе можат да се вратат во своите домови, ниту дали ќе биде извршена проверка на безбедноста на зградата од надлежните.

Состојбата на повредените стабилна

Двете деца кои беа хоспитализирани поради вдишување на чад се пуштени на домашно лекување, откако нивната здравствена состојба се стабилизира. Дополнително, вчера на Клиниката за токсикологија биле примени уште неколку лица поради гушење од чад, но и нивната состојба е стабилна по укажаната медицинска помош. Еден пожарникар останува на болничко лекување поради повредите здобиени за време на гаснењето на пожарот.

Истражување на причините за пожарот

Причините за пожарот сè уште се истражуваат. Според првичните информации, во подрумските простории на зградата имало магацин со уреди за осветлување и електроника, што ја отежнало ситуацијата поради запаливиот пластичен материјал. Температурата во подземните простории и натаму е висока, што ја усложнува ситуацијата. Неофицијално, во магацинот се чувале уреди кои биле користени за бизнис со криптовалути, но засега нема потврда за ова. Експертите допрва ќе ја проценуваат статика на зградата и ќе утврдат дали е безбедна за домување.