Министерот за внатрешни работи, Тошковски, во интервју за ТВ21 во емисијата „Дејли Клик“, ги увери граѓаните дека можат да бидат спокојни бидејќи безбедносната состојба во државата е под контрола. И покрај тоа што имало индиции за потенцијални нарушувања, Тошковски подвлече дека институциите, предводени од МВР, преземаат сè што е потребно за одржување на мирот и стабилноста.

Мирно спијам, а мирно може да спијат и граѓаните, потенцираше Тошковски

Тошковски: Обиди за дестабилизација се забележани, но МВР е подготвено

Тошковски потврди дека имало обиди за подгревање на меѓуетнички тензии, но дека МВР и другите надлежни институции се подготвени и реагираат на време.

„Во изминатиот период видовме индиции за нарушувања на безбедноста, но службите постојано реагират,“ изјави тој.

Сепак, министерот не даде конкретни информации за тоа кои сили се обидуваат да ја дестабилизираат државата.

Наводни вооружени групи во Чаир – МВР ја следи ситуацијата

Тошковски исто така се осврна на наводите за вооружени групи кои беа спомнати за време на предизборната кампања на Христијан Мицкоски. Тој објасни дека постоеле информации за такви групи во Чаир, но нема доволно докази за правно дејствување.

„Имаше индиции за такви групи, но без доволно докази за да се преземат конкретни правни мерки. Ако се појават докази, МВР ќе реагира,“ нагласи Тошковски.

Истраги за висока корупција се во тек

Во врска со борбата против високиот криминал и корупцијата, Тошковски објасни дека се водат истраги за поранешни функционери поради сомневања за злоупотреба на службената позиција. Меѓутоа, бидејќи постапките се во предистражна фаза, тој не може да сподели повеќе информации.

„Работиме на истрагите, но додека не се соберат соодвтни докази, не можам да коментирам повеќе,“ рече Тошковски.