Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, испрати силна порака од Штип, каде што присуствуваше на осмата манифестација Текстилијада, посветена на унапредување на правата и интегритетот на работниците. Таа истакна дека државата мора да преземе решителни мерки за искоренување на сите неправилности, особено во текстилната индустрија, каде што работниците се соочуваат со тешкотии во остварувањето на своите загарантирани права.

Сиљановска-Давкова повика на солидарност и социјална одговорност

„Силата на едно општество не се мери само преку економијата, туку преку вредностите што ги споделуваме како социјална држава. Нашата задача е да создадеме Македонија која ќе ги почитува правата на сите, без оглед на политичките разлики,“ порача Сиљановска-Давкова,

Таа додаде дека синдикатите и здруженијата мора да останат непоколебливи во нивната борба за работничките права.

Проблемите со минималната плата остануваат отворени

И покрај напорите на институциите, многу работници во текстилната индустрија сè уште не ги добиваат своите загарантирани права.

Платите се под законскиот минимум, а ситуацијата е далеку од добра, истакна Кристина Ампева, претседателка на здружението „Гласен текстилец“.

Според неа, треба да се дискутира за „плата за живот“, а не за минималец, и да се донесат одржливи решенија кои ќе ја подобрат состојбата на работниците.

Текстилната индустрија – столб на Штип

Со околу 8000 вработени, текстилната индустрија е главната економска гранка во Штип. Градоначалникот Иван Јорданов нагласи дека текстилот е белег на градот и дека локалната власт има обврска да се грижи за развојот на оваа индустрија.

„Индустријата мора да продолжи да генерира развој и напредок во Штип,“ изјави тој.

Откриена скулптура во чест на текстилните работници

Во чест на текстилните работници, во Штип беше свечено откриена скулптурата „Зашиени емоции“, дело на универзитетскиот професор и вајар Никола Смилков. Скулптурата претставува симбол на работничките права и борбата за подобри услови во текстилната индустрија.