Македонската влада испраќа јасна порака до Бугарија дека нема да дозволи нејзините национални интереси да бидат злоупотребени во политичките игри на Софија. Премиерот Христијан Мицкоски изрази решителност и објави дека Македонија нема да подлегнува на притисоци и ултиматуми од соседните држави, особено во контекст на предизборните кампањи во Бугарија.

Македонскиот премиер: Дијалог само врз основи на вредности и принципи

Премиерот Мицкоски го истакна ставот дека евентуални преговори со Бугарија ќе се водат само доколку тие се базираат на меѓусебно почитување и на меѓународните стандарди. Тој нагласи дека е подготвен на дијалог со источниот сосед, но не под услови на уцени.

“Нашиот интерес е јасен и нема да влегуваме во замки кои имаат цел да не вклучат во нивната предизборна реторика”, изјави Мицкоски. Тој додаде дека Македонија останува на патот кон европска интеграција и дека нема да прифаќа еднострани барања кои се во спротивност со нејзините национални интереси.

Орбан нуди посредништво, Софија одбива

Бугарската дипломатија реагираше на понудата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој предложи посредување помеѓу Македонија и Бугарија со цел да се најде решение за разликите. Орбан го направи овој предлог во име на унгарското претседателство со Европската Унија, откако од Брисел беше најавено одвојувањето на Тирана и Скопје во преговарачкиот процес.

Но, реакцијата на бугарските власти беше одбивна. Тие истакнаа дека нема место за посредници во процесот и дека исполнувањето на критериумите и условите поставени од страна на Еврпската Унија е единствениот пат кон напредок.

Мицкоски: “Решение да, но без ултиматуми”

Мицкоски останува на ставот дека Македонија е подготвена на разговори со Бугарија, но тие мора да бидат на рамноправна основа и да резултираат со достоинствено решение за двете страни. Според него, прифаќањето на уцени или неприфатливи ултиматуми би значело повторување на грешките од минатото кога македонската страна, како што вели, “замижуваше на провокаиите и попушташе на барањата од Софија”.

Македонија, според премиерот, продолжува да чекори цврсто кон својата цел — полноправно членство во Европската Унија — без да се откаже од своите принципи и интереси.