Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат започнаа истрага за смртта на 14-месечно бебе, кое рано утринава почина на Детската клиника. Обвинувањата од семејството упатуваат на потенцијални лекарски пропусти, со тврдења дека бебето било неколку пати обиено за хоспитализација.
Здравствениот инспекторат ги истражува наводите за одбивање на прием на клиниките
Семејството на починатото бебе тврди дека неколку пати побарало хоспитализација, но било одбиено, и покрај тоа што здравствената состојба на детето се влошувала. Бебето било третирано со сируп и испратено дома. Подоцна било однесено во болницата Козле, каде што состојбата нагло се влошила, по што било итно пренесено на Детската клиника.
„Брат ми ми се јави околу 4 часот нутро и ми кажа дека детето е во критична состојба. Никој не даваше конкретна информација, само еден доктор рече дека ќе се обидат да направат сѐ што можат,“ изјави роднина на починатото бебе.
Детската клиника: Респираторна инфекција и влошена состојба
Според менаџментот на Детската клиника, бебето било донесено во критична состојба, со тешка респираторна инфекција. Директорот на клиниката, Мемеди, изјави дека се чека на резултатите од истрагата за да се утврдат евентуални пропусти во лекувањето.
Надзор од здравствените институции
Државниот санитарен и здравствен инспекторат потврди дека ќе се спроведе надзор врз работата на персоналот во „Козле“ и интензивниот оддел на Детската клиника. Надзорот ќе се спроведе во присуство на лекарите кои биле вклучени во третманот.
„Надзорот ќе се изврши со цел да се утврдат евентуални пропусти во лекувањето, со присуство на лекарите и одговорните лица,“ соопшти Државниот санитарен и здравствен инсекторат.
Министерството за здравство формира комисија
Покрај инспекторатот, Министерството за здравство ќе формира стручна комисија за надзор над работата на двете клиники. Исто така, клиниката моментално го третира новороденчето од Куманово, чие семејство исто така обвинува за пропусти при пораѓај.