Државниот секретар во Министерството за правда Дајанчо Ефтимов, на тркалезната маса организирана од Советот на Европа вчера во Скопје ги истакна предизвиците со кои се соочуваат затворските установи и неопходноста од реформи за подобра ресоцијализација и рехабилитација на осудените лица.

Како што пренесуваат од Министерството за правда, во своето обраќање Ефтимов нагласил дека состојбата е сериозна и дека е потребен голем труд и посветеност за воспоставување правда и правна сигурност.

Состојбата е сериозна и ние сме свесни дека е потребно навистина многу голем труд и посветеност. Мора да воспоставиме правда и правна сигурност, да покажеме дека имаме вредности, дека сме достојни за држава, и дека сите ние заедно сме подготвени да градиме подобра иднина за нашата држава. Реформите во затворскиот систем се повеќе од потребни и Министерството за правда и јас како државен секретар, со големо внимание ги следиме сите забелешки од Комитетот за заштита од тортура нотирани во Извештаите, бидејќи тие се потребен и се неопходен коректив во нашиот стремеж за достигнување на развиените системи на Европските држави – посочил Ефтимов.

Тој подвлекол дека нотираните забелешки во Извештајот од Комитетот за заштита од тортура се сфаќаат многу сериозно и во иднина ќе се работи на нивно отстранување.

Нашата работа допрва почнува и мора да бидеме максимално посветени, затоа што иднината зависи од нас. Нема да се ажеме дека ќе биде лесно. Нема да биде лесно. Од нас се очекува зрелост и сериозна посветеност. Да се држиме до планот за развој и да се бориме искрено, чесно, одговорно, – тогаш успехот ќе биде неизбежен и промените ќе бидат видливи – порачал Ефтимов.