Покажуваме конструктивност по прашањето на продолжување на евроинтегративниот пат на државата, но за жал, не гледаме одговор од премиерот Христијан Мицкоски во таа насока, изјави денеска  лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, коментирајќи ги случувањата на процесот на евроинтеграциите на државата.

„Нашата идеја и иницијатива за собраниска седница е поради тоа што Собранието е местото каде се носат таквите одлуки. Потоа, многу најави има премиерот за некаква поддршка од некои држави за менување на преговарачката рамка, нешто што наводно би ја подобрило нашата положба во процесот на евроинтеграциите. Но, сето тоа е некако обвиено со мисерија и не знаеме никакви детали“,рече тој.

Според него, премиерот има обврска тоа да го соопшти, прво пред народните избраници во Собранието, а потоа и на граѓаните.

„Сега откако еднострано го запре евроинтегративниот пат, нешто за што нема ниту политичко право, ниту етичко, туку напротив има обврска пред граѓаните да го продолжи тој пат. Жалам што неговиот министер Муртезани го демантира во неговите најави дека наводно има некаква поддршка да се донесат некакви уставни измени со одложено дејство. Самиот министер кажа дека вооопшто во ЕУ во ниту една држава нема расположение за тоа. Тие конфузни изјави во Владата што оставаат впечаток дека владее беспреспективност, мора да се расчистат во Собранието“,вели Филипче.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче минатата недела упати барање до премиерот Христијан Мицкоски да свика затворена собраниска седница на која ќе го презентира планот за следните чекори за евроинтегративниот процес, а премиерот Христијан Мицкоски одговори  дека кога ќе има нови детали или барем некој напредок во односот со Бугарија, ќе ја информира опозицијата.