Со бис и овации беше награден настапот на македонската оперска певица, сопранистката Ана Дурловски, синоќа на концертот „Го славиме јубилејот“ во Македонската филхармонија, која годинава одбележува 80 години од постоењето.

Македонската филхармонија, со полна сала, на најубав начин ја започна јубилејната сезона, насловена „Одисја“.

Гостин диригент на концертот беше Јерухам Шаровски од Израел, кој за Ана Дурловски изјави дека е една од најдбрите оперски певици со кои работел во својата долгогодишна кариера.

Овој оркестар е моето срце, со него се врзани моите почетоци, првиот настап со оркестар го имав токму со Македонската филхармонија, кажа Ана Дурловски пред концертот.

Ана Дурловски, првенка во МОБ, и постојан член на ансамблот на Операта во Штутгард, Германија триумфално се врати на сцената по пауза од седум години.

За роденденскиот концерт беше изведена светската преиера на симфониската поема „Јубилејна фантазија“ од македонскиот композитор Борис Светиев и премиерната изведба на делото „Шест едноставни песни“ за сопран и оркестар и Лид на Мариета од операта „Мртвиот град“ од Ерих Корнголд. По паузата, на репертоарот беше симфонијата во четири сцени „Манфред“ од Петар Илич Чајковски.

Следниот концерт е на 17 октомври и тогаш гостува францускиот пијанист Лука Дебарг, а ќе диригира Бар Авни од Израел.