Премиерот Христијан Мицкоски ја предводи македонската делегација во германската престолнина каде ќе седне на иста маса со лидерите на Берлинскиот процес. Разговорите од таму ќе бидат клучни за подготовка на писмото со кое ќе даде нови идеи за продолжување на преговорите за членство во Европската Унија. Писмото кое ќе биде испратео со сите инволвирани а ќе ги потврди недвомислена воља за дијалог, реформи и изнаоѓање решение – дефинитивно ќе биде завршено откако македонската делегација ќе се врати од Берлин.

„Писмото е во подготовка. Патувам утре во Берлин, има состанок на Берлинскиот процес, ќе разговарам со голем број од европските политичари и сакам пред да го испратам писмото и содржината, да имам уште малку повеќе јасна слика за тоа до каде можеме и што можеме да направиме“, рече Мицкоски на вчерашната прес-конференција.

Додека владата е на ставот дека иа простор за подобрување на македонските позиции во евроинтеграциите и за тоа бараат конструктивност, за опозицискиот лидер Венко Филипче тоа се манипулации за да ја закочат иднината на земјата.

„Ако очекуваат дека СДСМ наивно ќе даде поддршка на идеи кои значат понатамошни блокади, решенија во кои никој не верува освен тие самите во Белата палата, тогаш се излажале. Ние нема да бидеме параван за нивните пропаднати политики. Нека покажат лидерство, нека покажат храброст и најважно од се, нека покажат искреност“, рече Филипче.

Премиерот не се согласува со тоа дека нема реална можност Македонија да дојде до поддршка од Брисел за интеграциите без диктати.

„Не би се согласил дека нема оптимизам. Не би се согласил со ставот дека таму не постои разбирање за нашите позиции. Ако не се смени преговарачката рамка тогаш најдобро е да прифатиме сè што бараат соседите, да се избришеме, и тогаш ќе бидеме најсреќни? Така јас не водам политика. Ако некој друг така водел политика во минатото, да ги ограбува граѓаните и да се самоизбришува, тогаш тие беа поразени пред 4 месеци“ – рече Мицкоси вчера на прес конференција во Владата.

Мицкоски порача дека е подготвен во кое било време да ги продолжи разговорите со Бугарија за надминување на блокадите. Сепак тој нагласи дека во никој случај нема да прифати преговори преку диктат и условувања, туку процес кој ќе биде базиран исклучиво на аргуументи и почитување на Копенхашките критеиуми.