Во последните неколку години, платите во Македонија покажаа значителен раст, но овој тренд е главно резултат на административни мерки, како што се зголемувањето на минималната плата и покачувањата во јавниот сектор, заедно со одливот на работна сила во странство. За реално зголемување на платите потребно е да расте и економијата.

Ниската продуктивност и стапката на невработеност остануваат ограничувачки фактори за раст на платите. Сепак, работодавачите сè повеќе сфаќаат дека е тешко да се најдат и задржат добри и квалификувани работници, што би можело да доведе до натамошно зголемување на платите со намалување на невработеноста.

Во последните 10 години, просечната плата во Македонија пораснала за околу 94%. Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната плата во август 2014 година била 21.217 денари, додека во август 2024 година изнесува 41.097 денари или 668 евра.

И покрај растот, Македонија продолжува да биде на дното во Европа според висината на просечната плата. Работниците во Србија заработуваат во просек 836 евра месечно, во Босна и Херцеговина 710, во Црна Гора 861 евро, во Хрватска 1.324 евра и во Словенија 1.495 евра.