Општина Струмица ја напушта Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС). Ова на својот фејсбук-профил го објави градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, посочувајќи дека денеска за ова ќе подготви и официјален допис, во кој ќе ја извести ЗЕЛС оти не ја заслужува партиципацијата на градот со кој раководи.

градоначалникот на скопската општина Карпош, Стефче Јакимовски, вчеравечер најави дека ќе му се придружи на Костадинов и на Општина Струмица во најавата да ја напуштат ЗЕЛС.

„Го напуштаме ЗЕЛС. Со огромна грижа кон народот на моја Струмица, со целата одговорност, обиди за соработка, партнерски однос, доволно е. Филозофија без прагма, штета за која ја плаќаат граѓаните“,напиша Костадинов.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вчера информираа дека водата од струмичкиот водоснабдителен систем и натаму е забранета за пиење, иако градоначалникот Костадин Костадинов тврди дека таа е исправна и во хемиско-физичкиот состав и микробиолошки.

Во таа насока, Костадинов вели дека ова е еден од најголемите скандали во Европа за повреда на човековите права, за уставните права и слободи.

„За моја Струмица компромиси немало, нема и нема да има. Нека ви е со среќа“,вели тој.

Повеќе од три недели водата во Струмичко е неисправна за пиење поради зголемено присуство на минералот манган, кој е витален за човечкиот организам, но во многу мали дози.

Стефче Јакимовски, градоачалникот на скопската Општина Карпош вчеравечер во гостување на поткаст емисија, а коментирајќи го случајот со Општина Струмица најави дека и Општина Карпош ќе се приклучи ва најавите за напуштање на ЗЕЛС.

„И јас ќе се придружам на Општина Струмица. И така одамна се спремам да ја напуштиме ЗЕЛС. Нека си прават таму партиска забава“,рече Јакимовски.

Посочи дека истото треба да го направи и градоначалничката на Градот Скопје Данела Арсовска, оти Градот е главен финасиер на ЗЕЛС, а за возврат не добива ништо.