Денес во Општина Аеродром беше отворен првиот Центар за административни услуги, кој ќе овозможи жителите да добиваат повеќе од 100 различни услуги на едно место. На отворањето присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски, кој го истакна значењето на овој настан за општината и нејзините жители. Тој посочи дека започнува реализацијата на проекти кои долго време беа во план, но сега стануваат реалност.

Важен чекор за борба против корупцијата

Премиерот Мицкоски ја нагласи важноста на ваквите центри за борба против корупцијата, истакнувајќи дека овозможуваат транспарентност и олеснување на административните процедури. Според него, отворањето на повеќе канцеларии низ целата држава ќе создаде услови за вистинска борба против корупцијата.

  • „Кога ќе се отворат канцеларии насекаде, тогаш ќе можеме да зборуваме дека конечно во Македонија имаме реална борба против корупција,“ рече Мицкоски, нагласувајќи дека ваквите промени се клучни за намалување на административните бариери и непотребните трошоци.

Дигитализација и подобрување на услугите

Во своето обраќање, премиерот се осврна на значењето на дигитализацијата и нејзиниот придонес кон транспарентноста и ефикасноста. Тој посочи дека новиот систем значително ќе ја намали можноста за корупција, бидејќи граѓаните ќе имаат полесен пристап до услугите и ќе бидат информирани за секој чекор од процесот.

  • „Знаете како беше, тоа не така одамна, кога за 500 денари требаше да ви направи некој услуга и да извадите извод од родените,“ изјави Мицкоски, потсетувајќи на претходните проблеми. Тој додаде дека денес процедурите се многу поедноставени, со намалени гужви и понижувачки ситуации за граѓаните.

Побрзо и полесно добивање на документи

Мицкоски изрази задоволство што процесот на добивање на документи ќе биде значително олеснет за сите граѓани. Споед него, големите промени кои се направени за кратко време сведуваат на тоа дека граѓаните повеќе нема да чекаат години за административни услуги.

  • „Сега сето тоа е минато. За многу кратко време, успеавме сето тоа да го сведеме во рамките на законскиот рок,“ истакна тој, додавајќи дека новите услуги ќе бидат завршени за само седум месеци, за разлика од претходните седум години.

Првиот Центар за административни услуги во Аеродром е само почеток

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изјави дека Центарот не е само место за издавање документи, туку и простор каде што граѓаните ќе можат да научат како самите да ги користат електронските услуги.

  • „Тука ќе имате обучени службеници кои ќе ви помогнат да научите како сами да ги користите електронските услуги. За оние на кои технологијата им претставува предизвик, нашите службеници ќе бидат тука да помогнат во целиот процес,“ додаде Андоновски.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, истакна дека овој Центар е создаден во рекордно кратко време и дека во следната фаза е планирано поврзување на општините на националниот портал за услуги, со цел да се овозможат уште поблиски услуги за граѓаните.