Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, во гостувањето на Сител истакна дека новата влада предводена од неговата партија ги надминува предизвиците оставени од претходното владеење на СДСМ и ДУИ. Според него, големиот буџетски дефицит изгубената доверба на граѓаните во институциите се само дел од проблемите кои се насобрале низ годините.
ДУИ се справува тешко со новата улога во опозиција
Милошоски смета дека ДУИ тешко се снаоѓа во новата позиција и оти партијата се обидува да привлече внимание со теми кои, според него, не ја отсликуваат актуелната реалност. Тој изјави дека претседателот на ДУИ, Али Ахмети, со своите актуелни изјави за повторно отворање на етничките прашања, е во спротивност со неговите претходни ставови.
Милошоски: Ахмети самиот се побива со писмото
Милошоски оцени дека писмото кое Ахмети го испрати до премиерот Христијан Мицкоски е спротивно на претходните ставови на лидерот на ДУИ:
-
„Ахмети се побива себеси со ова писмо, бидејќи лично во 2021 година изјави дека Охридскиот договор е завршена тема и дека партијата се ребрендира во зелена партија посветена на животната средина. Тогаш ја најави зелената агенда на ДУИ, а сега, кога партијата е во опозиција, таа тема исчезнува и повторно се фокусира на етнички прашања како балансерот и други слични теми,“ нагласи Милошоски.
„ДУИ треба да се посвети на внатрешни реформи и борба против корупцијата“
Милошоски посочи дека време е ДУИ да ги насочи своите напори кон внатрешни реформи и да се справи со високата корупција во партијата, наместо да ја враќа реториката на етничките прашања. Според него, обидите на Ахмети да се претстави како фактор кој влијае врз стабилноста на државата се застарени и не соодветствуваат со актуелните потреби на земјата.