На денешната седница, владата го усвои Предлог-буџетот за 2025 година, со кој се предвидува стабилизација на јавните финансии и економски раст преку мерки за фискална консолидација и одговорно трошење, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на прес-конференција. Со овој буџет, нагласува министерката, се предвидени средства за капитални инвестиции, навремена исплата на пензии и зголемени плати во образованието, како и зголемена поддршка за здравствени и социјални услуги.
Предлог-буџет 2025: Проекција за економски раст и намалување на дефицитот
Министерката истакна дека со предложените мерки економскиот раст за 2025 е проектиран на 3,7%, инфлацијата на 2,2%, додека буџетскиот дефицит е планиран на 4% од БДП, или 41,35 милијарди денари. Приходите се планирани на 358,8 милијарди денари, со проектиран раст од 13% во однос на оваа година, што ќе се постигне преку поефикасна наплата и засилена борба со неформалната економија.
„Со буџетот поставуваме основи за стабилизација на финансиските текови и економски раст. Овие проекции ќе овозможат одржлив развој и ќе поттикнат реализација на клучни капитални инвестиции,“ рече Димитриеска-Кочоска.
Зголемени капитални инвестиции и приоритет на продуктивни проекти
Предлог-буџетот за капитални расходи предвидува износ од 50,65 милијарди денаи, што е зголемување од 13% во однос на ребалансот за оваа година. Овие средства ќе се користат за инфраструктурни проекти кои можат брзо да се реализираат и да дадат придонес во економскиот раст. Министерката нагласи дека со новата политика ќе се поддржат квалитетни и продуктивни проекти, што е промена во однос на досегашните буџетски приоритети.
„Целта е да поддржиме проекти со висок квалитет и способност за брза реализација. Капиталните инвестиции, чии вредности се над номиналниот износ на дефицитот, претставуваат основа за одржлив раст,“ додаде министерката.
Поддршка за социјални категории и здравство
Според Димитриеска-Кочоска, овој буџет вклучува 105 милијарди денари за пензии, со што ќе се овозможи зголемување од 2.500 денари по пензионер, како и 48 милијарди денари за плати во јавниот сектор, вклучително и средства за повисоки плати во образованието. Дополнителни 14,5 милијарди денари се обезбедени за социјална заштита и 53,4 милијарди денари за здравствените услуги, што е зголемување од 5,2 милијарди денари во однос на тековниот буџет.
Намалување на непродуктивните трошоци
Димитриеска-Кочоска нагласи дека средствата за непродуктивни трошоци, како набавка на мебел и возила, ќе се намалат, со цел да се обезбеди поголема фискална одговорност. Министерката потврди дека, и покрај мерките за штедење, ќе се обезбедат средства за нормално функционирање на институциите и квалитетни услуги за граѓаните и бизнисите.
„Состојбата бара континуирано штедење, но при тоа ќе внимаваме институциите да ги извршуваат своите задачи и да обезбеат квалитетни услуги,“ истакна министерката.
Предлог-буџетот за 2025, со акцент на капиталните инвестиции, социјалната поддршка и здравството, ќе биде доставен на одобрување во Собранието. Владата очекува овие мерки да го поттикнат економскиот раст, истовремено задржувајќи ги јавните финансии во стабилна состојба.