До 1.360 денари заштеда по семејство овозможи есенската кошничка. Мерката беше спроведена успешно и ги даде очекуваните резултати, рече денеска министерот за економија Бесар Дурмиши.

„Нашите податоци кажуваат дека искажано во заштеда во пари за едно четворочлено семејство, на месечно ниво заштедата од ограничените маржи и намалените цени на дел од производите изнесува од 690 ден до 1.360 ден по семејство, во зависност од начинот на исхрана, како и од изборот на маркети каде што се набавува истата. Тоа го потврдуваат и податоците на Синндикатите од нивната синдикална кошница каде што во октомври во делот на храна и пијалоци е намалена за 935 денари“, изјави министерот за економија Дурмиши.

Очекувам од ноември дополнително намалување на цените зашто почна примената на Законот за трговски практики. Есенската кошничка од вчера веќе не е на сила, но ако дојде до покачување на цените ќе се преземат поригорозни мерки, истакна министерот.

Според него, со есенската кошничка се спречи наглото зголемување на цените.

Дурмиши најави Божиќна кошничка кон крајот на годината, а потоа, рече, ќе има и рамазанска, велигденска. Кошничките ќе се однесуваат на различни производи зависно од потребите на граѓаните.