Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски заедно со владин тим оствари средба со синдикатот на здравствените работници.

На средбата отворено се разговараше за положбата на докторите и останатиот здравствен персонал. Стана збор за потребата за зголемување на платите но и зголемување на учинокот како и поголема рамномерност во ангажирањето на здравствените кадри.

Владата ја афирмираше заложбата за почитување на трудот на лекарите и сите здравствени работници, како и потребата за унапредување на условите за работа и поголема достапност на здравствените услуги за граѓаните на кои им е потребна лекарска грижа.

Една од областите која беше наследена каде состојбите се најлоши е токму здравството каде граѓаните имаа бројни забелешки. Основната компонента за враќање на достоинството на медицинската професија е создавање на услови за задоволни лекари и здравствен персонал, и тоа ќе биде приоритет во овој дијалог, како и паралелно инвестирање во здравствени капацитети и опрема. Во тој поглед се реализира проектот за вработување на 600 специјализанти и млади лекари, продолжуваат инвестициите во Штипската болница како и повеќе инвестициски процеси на повеќе болници од комплексот клиники Мајка Тереза.

Дијалогот меѓу владата и синдикатот продолжува и во наредниот период.