Кривична пријава доби началник

Кривична пријава доби началник на Отсекот за криминалистичко разузнавање во полицијата во Кочани кој ги злоупотребил службената положба и овластувања. Легитимацијата ја користел за да поминува на патарина без да плаќа.

Следува санкција

Јавното претпријатие „Државни патишта“ доставило видеоматеријали од безбедносните камери на наплатните станици „Кадрифаково“ и „Преод“ на кои се гледа како полицискиот службеник ја покажува легитимацијата.

Срамна е постапката да се користи легитимација на МВР за да не се плати патарина, дециден е министерот за внатрешни работи.

Ќе се поведе и дисциплинска постапка

Од МВР најавуваат дека ќе се поведе и дисциплинска постапка, а во меѓувреме полицискиот службеник ќе биде отстранет од работното место до завршување на постапката.

Пред еден месец, полицијата поднесе кривични пријави против 12 вработени во МВР и 6-мина вработени на патарината Романовце, кои со приватни возила за 8 месеци поминале 959 пати на патарина без да платат. Го оштетиле државниот буџет за околу 1.000 евра.