Во Службен весник објавени се укази за отповикување на седум амбасадори од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Станува збор за вонредни и ополномоштени амбасадори во пет земји и две организации.

Меѓу отповиканите е амбасадорот на земјава во НАТО, Дане Талески, кој според одлуката ќе остане амбасадор до 15 јануари 2025, додека на останатите шестмина мандатот ќе им заврши на 30 ноември годинава.

Од 1 декември престанува мандатот на Теута Агаи Демјаха, која е шефица на постојната мисија на Северна Македонија во Организацијата на обединетите нации во Женева.

Меѓу останатите отповикани амбасадори е и Данчо Марковски во Албанија, кој неодамна беше повикан на разговор во МНР во врска со активностите на македонската дипломатија поврзани со пописот на населението што беше спроведен во Албанија.

Укази за отповикување има и за амбасадорката при Светата Столица во Ватикан, Марија Ефремова, потоа Фатон Бејта од Данска, Сали Лимани од Казахстан и Шабан Јашари кој е амбасадор во Катар со седиште во Доха.

Во указите не се наведени причините зошто се отповикуваат овие амбасадори.