Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со уште едно исполнето ветување. Почнувајќи веќе од ноемвриската плата здравствените работници ќе имаат покачување за 10 отсто. Како што и во предизборието се најавуваше, коригиран е коефициентот за пресметка и нето-месечните примања. Истите ќе бидат зголемени од 2.450 до 3.850 денари.
Мицкоски: Историско зголемување на платите
Според премиерот Мицкоски, ова е историско зголемување на платите. Најави личниот доход на здравствените работници во следните четири години ќе се зголемува до 50 проценти. Ново покачување од пет насто ќе има во март следната година.
„Следната 2026-та година од 5 до 7 проценти, во зависност од тоа во каква состојба и кондиција ќе биде буџетот, се надеваме дека ќе биде навистина во здрава кондиција и работиме на тоа, зошто да не одиме на горната граница. Истото тоа зголемување од 5 до 7 проценти ќе биде и во 2027-ма година, а од 7 до 10 проценти ќе биде во 2028-ма година“, нагласи премиерот Христијан Мицкоски.
Синдикати: Мотивација плус за вработените во секторот
Според првите луѓе на синдикатите ваквиот договор претставува мотивација плус за вработените во секторот, но и прв чекор за подобрување на здравствената заштита на граѓаните. Покачувањата континуирано ќе растат.
„Уште подобра придобивка во делот на овој анекс е корекција на платите од 0.364 за медицинските сестри со средно образование и останатиот средномедицински кадар, што значи 5.700 денари во бруто или 3.850 денари во нето“, изјави Љубиша Каранфиловски – претседател на Синдикатот за здравство, фармација и социјална заштита.
Предраг Серафимовски кој е претседател на Синдикатот на Клинички центар ја пофали мерката. На него се надоврза и Боби Бојчевски кој е претседател на Независниот синдикат за здравство
„Договореното покачување на платите ќе значи директна корист на сите што се вклучени во здравствениот систем. Ова не е само финансиско признание, туку и мотивација за уште поголема посветеност на нашиот секојдневен труд“, додаде Предраг Серафимовски – претседател на Синдикатот на Клинички центар.
„Ова што се случи денеска е едно од најголемите покачувања во здравствениот сектор. Досега покачувањата биле од 1.000 до 1.200 денари“, нагласи Боби Бојчевски – претседател на Независниот синдикат за здравство.
Ставен е потпис, најавени следни чекори
Синдикатот и владата ставија потпис на договорот.
Во наредниот период фокус ќе биде ставен на решавање на статусот на работниците кои во здравствениот систем со години работат со договор на дело.