Палевски вечерта на 27 ноември му пишал дека ќе дојде утредента, на 28 ноември, пишува СДК.

Османи рече дека го барал и деновите измеѓу, затоа што му се расипал котелот за парно што го купил од Палевски, а веќе заладувало. Го барал и пред 22 ноември, кога кога на месинџер на Фејсбук му дал нов телефонски број на кој може да го бара.

„Од обвинетите тука, се познавам само со Палевски. Во време на издавањето на весникот ‘Глобал’ бев повикан да работам од издавачите. Се запознавме со Палевски, почнав со работа. Тоа беше 2001-2002 година. Весникот се затвори, ние останавме пријатели. Во 2023 година го побарав, бидејќи купив котел за греење од него. Не ми функционираше воопшто. Затоа имав зачестени повици кон него. Го барав на 27 ноември и на Фејсбук, и на редовна линија. На 27 ноември вечерта дури ми се јави и кажа дека ќе дојде следниот ден. На 28-ми дојде, го среди котелот”, одговараше сведокот на прашања на обвинителката.

Таа го праша што му кажал кога дошол? Дали се пожалил на здравјето?

„Палевски ми рече дека на 27-ми бил преладен, настинат, затоа не дошол. На 28-ми беше добар со здравјето. Зборувавше нормално, зборевме за технички работи што се скршило во котелот. Дојде со бел пикап, некое француско возило беше. Забележав дека беше удрена шоферската врата. Имаше вдлабнатина. Му реков: ‘Си го удрил возилово’“, одговараше Османи на повеќе директни прашања.

Во сведочењето на 13 ноември, Васко Стојков, адвокатот кој го однел во Белград Палевски, рече дека тој во Белград отишол за преглед на кичмата, а ако не се средело сакал да оди на операција Турција.

Османи рече дека со Палевски комуницирал на фејсбук месинџер и на обична линија. На Фејсбук повеќе, зашто обично не му кревал. Сведокот рече дека Палевски не му спомнал оти ќе патува негде да се лечи за кичмата.

„На 28 ноември во 11.42 часот ми пиша: ‘На подкаст сум во живо, можеш да видиш. Ја земам ќерка ми пред ‘Алкалоид’, со мене е лаптопот, доаѓам“, кажа Османи комуникацијата за утредента по убиството на Вања.

Османи рече дека Палевски утредента дошол за 40-ина минути и за пола саат го средил котелот.

По сведочењето, Палевски стана и во вкрстени прашања тврдеше дека не бил тоа време кај сведокот, туку на подкаст, кој траел до пладне. Го праша дали можеби и го помешал денот, сведокот Османи беше категоричен и тајмингот го докажа со испечатен лист од нивната комуникација.

За киднапирање и свирепоубиство на велешанецот Панче Жежовски на 22 ноември 2023, како и за киднапирање и свирепо убиство на Вања Ѓорчевска од Скопје, обвинети се Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Велибор Манев, Боре Видевски и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски.