Данела Арсовска, актуелната градоначалничка на Град Скопје, изјави дека нема да се кандидира за втор мандат. Оваа одлука ја соопшти за време на примопредавањето на шест нови еколошки автобуси, кои ќе бидат дел од возниот парк на ЈСП Скопје. Арсовска ја обвини политичката поларизација во земјата и блокадите од одредени политички субјекти како главни причини за нејзиното повлекување.


Нема да соработувам со саботери

Арсовска истакна дека не сака повеќе да биде дел од систем кој, според неа, е исполнет со суети и обиди за саботажа.

Ситуацијата во државата е крајно поларизирана. Со лица кои знаат само да саботираат и блокираат, не сакам да работам. Граѓаните заслужуваат подобро и барем еднаш да видат реализација на ветувањата,“ изјави таа.

Јавниот превоз како централен проблем

Проблемите со јавниот превоз беа истакнати како еден од клучните предизвици. Арсовска нагласи дека решението за ситуацијата со ЈСП се наоѓа во одлуките на Советот на Град Скопје, кој, според неа, не ги преземал потребните чекори за навремена набавка на нови автобуси.

Советот можеше пред три години да ја донесе одлуката за набавка на автобуси. Зошто тоа не го стори, треба да ги прашате нив. Ако некој тврди дека проблемот ќе го реши по изборите, прашајте го зошто тоа не го направи досега,“ порача Арсовска.

Разочарување од поддршката на ВМРО-ДПМНЕ

Во својата изјава, таа се осврна и на својата соработка со ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ја поддржа при нејзината кандидатура.

Јас ја имав поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, но за жал, партијата не успеа да ги надмине своите ограничувања. Суетите се преголеми за да дозволат некој да работи без диктати и контроли,“ изјави таа.

Граѓаните ќе одлучат

Арсовска изрази уверување дека граѓаните се доволно свесни и информирани за да проценат кој е одговорен за проблемите што ја засегаат секојдневната функционалност на градот.

Граѓаните се доволно интелигентни за да видат кој го решавал проблемот, а кој само ветувал решенија без реализација. Политичките агенди не ме интересираат, а мојата работа е насочена кон резултати,“ додаде таа.

Одлуката на Данела Арсовска да не се кандидира за втор мандат остава отворени прашања за иднината на Град Скопје и управувањето со клучните градски проекти. Таа ги повика граѓаните да ја проценат ефикасноста на сите политички актери кои имале влијание врз работењето на градот.