За православните христијански верници кои се водат според јулијанскиот календар денеска почна шестнеделниот божикен пост. Постот ќе трае 40 дена, односно до Божик, 7 јануари, денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божик не се менува, постот секоја година почнува на 28 ноември, а завршува на Бадник, 6 јануари.
Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот за влез во тајната на претстојниот празник. Божикниот пост е втор по должина на траење, веднаш по велигденскиот.
Во однос на „строгоста“ за употреба на храна, божикниот пост е „поблаг“, бидејќи дозволува користење вино, масло за јадење и риба.
Според типикот на црквата, божикните пости се постат на следниот начин: понеделник, вторник и четврток на масло, среда и петок строг пост, сабота, недела и празници е допуштено риба. За монаштвото е благословено и понеделник да е строг пост, а за мирјаните кои имаат именден или куќна слава е благословено употреба на риба.
Целта на постот е да се „исчистат“ духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела. За време на божикниот пост, посни се и сите славски трпези.