Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од денеска до 4 декември, ќе престојува во работна посета на Брисел на средби со европратеници и ќе учествува на редовниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО.

Како што соопштија од Министерството, во рамки на посетата, предвидено е Муцунски да се обрати пред членовите на Комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент, како и да оствари средби со известителот за Северна Македонија, Томас Ваиц, известувачите во сенка за земјава, Матеј Тонин (Словенија, ЕПП) и Тајс Ројтен (Холандија, СиД).

Во фокусот на разговорите, се посочува, ќе биде потребата од забрзување на евроинтегративниот процес на државата, со акцент на спроведувањето на реформите, како и нашата посветеност на исполнување на критериумите за членство.