Вонредната седница на Собранието на Град Нови Сад, на која се расправаше за разрешување на градоначалникот Милан Ѓуриќ, беше обележана со тензии, инциденти и судири меѓу демонстрантите и полицијата. Предлогот за разрешување на Ѓуриќ, поднесен од опозициските советници поради трагедијата на Железничката станица, беше одбиен со 48 гласа против и 25 за.
Трагедијата во Нови Сад што го отвори прашањето за одговорност
Опозицијата го обвини Ѓуриќ за политичка и морална одговорност поради падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, трагичен настан во кој загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.
-
„Трагедијата е последица на лошото управување со градот, каде што често се гради без дозволи или со издадени дозволи кои не се во согласност со законските прописи“, изјави Стеван Бабиќ од опозициското движење „Крени-промени“.
Инциденти во и надвор од собранието
Седницата започна со меѓусебни обвинувања меѓу опозицијата и власта. Надвор, граѓани и активисти се обидоа да влезат во градското собрание, при што дојде до турканици и судир со полицијата. Медиумите јавуваат дека најмалку едно лице било повредено и приведено.
Внатре, за време на гласањето за доверба на Ѓуриќ, напнатата атмосфера доведе до туркање меѓу советниците. Владејачкото мнозинство го поздрави одбивањето на предлогот со аплаузи.
Градоначалникот Ѓуриќ: „Власта се добива само преку избори“
Во своето обраќање, градоначалникот Милан Ѓуриќ ги осуди насилните обиди за влез во Собранието и го истакна својот став дека промените во власта треба да се остварат исклучиво преку избори.
-
„Вашата намера е насилно да ја преземете власта. Но, власта се добива само преку избори, не преку улицата“, рече Ѓуриќ.
Граѓанскиот притисок продолжува
Демонстрантите, кои ја блокираа улицата пред Собранието во моментот кога се одбележуваше времето на трагедијата, 11 часот и 52 минути, најавија дека нема да се откажат од своите барања за одговорност.
И покрај напорите на опозицијата и протестите на граѓаните, Ѓуриќ останува на чело на Нови Сад, додека градот продолжува да се соочува со прашањата за одговорност и управување.