По примерот на основното училиште „11 Октомври“ во Центар, бојкот на наставата и во „Лазо Ангеловски“ во Аеродром. Родителите не сакаат таму повторно да се врати ученик со насилно поведение.

Советот на родители на вонредна седница одлучи учениците од прво до деветто одделение да останат дома за да им дадат можност на надлежните да изнајдат решение од кое ќе бидат сите задоволни.

Училишниот одбор на ниедно училиште нема право да носи одлуки за бојкот на наставата, изјави министерката за образование Весна Јаневска во „Тема на денот“ на МТВ. Државата и системот треба да имаат решение на вакви проблеми.

„Училиштето преземало соодветни чекори, но ефектот изостанал. Сепак, треба и родителите да соработуваат. МОН во еден момент се инволвира, препорачана е промена на средината за ученикот, и таа треба да се направи“, изјави министерката Јаневска во „Тема на денот“ на МТВ.

Родителите исто така бараат институционално решение за овој проблем, којшто трае подолго време. Според нив, поради однесувањето на ова дете, десетина ученици се отпишале од одделението.

Сите ученици во скопското основно училиште „11 Октомври“, пак, ќе почнат со редовна настава. Родителите завршија со бојкотот откако беше донесена одлука дека кај нив нема да се запише ученикот од Аеродром.