Во интервју за политичкиот магазин „360 степени“, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, од Брисел говореше за членството на државата во Европската Унија, уставните измени и нивната одложена примена, како и расположението кај земјите членки за забрзување на процесот на нашата интеграција во европското семејство.

На прашањето за одложената примена на уставните измени, Муцунски изјави дека претставувањето на оваа позиција не подразбирало дека ќе се изнајде решение преку ноќ, туку дека станува збор за принципиелна позиција која ги штити националните интереси.

„При претставувањето на позицијата за ‘одложена примена на уставните измени‘ не ветивме дека преку ноќ ќе се изнајде решение, но велиме дека имаме принципиелна позиција и тоа го аргументираме пред меѓународната заедница, земјите членки и европските институции. Со овој пристап го штитиме националниот интерес, односно да не бидеме во ситуација, како што сме биле во минатото, со неочекувано вето, а воедно го штитиме и среднорочниот и долгорочниот кредибилитет на Европската Унија“, изјави Муцунски.

Тој додаде дека ставот за одложената примена е презентиран на многу средби и ја покажува подготвеноста на Владата за компромис, но компромис кој носи извесност.

„Многу од соговорниците од Европската Унија сметаат дека нашиот пристап е логичен, коректен и соодветен, но тоа е пристап што бара прифаќање од Бугарија како наш сосед“, додаде Муцунски, нагласувајќи дека Европската Унија е базирана на култура на компромиси.

„Од брзоплети односи базирани на апстрактни рокови сме тука каде што сме, со нови блокади и ветo. Затоа не е логично да работиме со рокови, туку со принципи и јасен став, како што работиме во моментов.“

Во однос на можноста за изнаоѓање решение за продолжување на евроинтеграцискиот пат, министерот Муцунски истакна дека Европската Унија не може да си дозволи дополнително одолговлекување на проширувањето со Западен Балкан.

„Гледано од геостратешки аспект, Европа не може да си дозволи политичко-безбедносен вакуум во нашиот регион. Ние сме земја која е целосно усогласена со заедничката безбедносна политика на ЕУ и која усвои реформска агенда. Ќе продолжиме со реформите во сите области, следејќи ги препораките на Европската Унија.“

Министерот го истакна и личното уверување дека, доколку се стави фокус на реални реформи, ќе бидеме една од земјите која најбрзо ќе се движи кон полноправно членство.

„Доколку навистина се насочиме кон европските реформи, проактивно и со конкретни мерки, ќе биде тешко за било која земја на подолг рок да нè блокира. Кога имате земја што е целосно усогласена со ЗНП и која на дело спроведува реформи, товарот за тоа припаѓа на Владата, на министрите, но и на невладиниот сектор и медиумите. Треба заеднички да се движиме низ тој процес, да ја реформираме државата, и немам сомнеж дека ќе бидеме една од земјите која најбрзо ќе се движи кон полноправно членство во моментот кога Унијата ќе се отвори за нови членови“, заклучи министерот Муцунски.