Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека безбедносната состојба во Македонија е стабилна и дека Министерството за внатрешни работи (МВР) располага со капацитети за справување со сите предизвици. Изјавата доаѓа по реакциите на Демократската унија за интеграција (ДУИ) за евентуално укинување на одредби од Законот за употреба на јазиците, кој ќе биде разгледан на седницата на Уставниот суд закажана за во среда.

Тошковски: Уставниот суд има автономија

Тошковски истакна дека барањата на ДУИ претставуваат директно мешање во работата на Уставниот суд. Тој нагласи дека судот треба да одлучи независно, во согласност со Уставот и законите.

  • Сметам дека Уставниот суд треба да си донесе одлука согласно Устав и закон. Политичките субјекти и сите други фактори во општеството ќе мора да ја почитуваат таа одлука, без оглед во која насока ќе биде истата, изјави Тошковски.

Реакција на изјавите на премиерот Мицкоски

Во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за неажурност на Обвинителството, министерот за внатрешни работи рече дека тие се легитимни и дека македонскиот народ е „желeн за правда“.

  • Легитимно е премиерот да каже став за нешто што го констатирал како фактичка состојба. Народот очекува правда и се надева на нејзино остварување, изјави Тошковски.

Соработката со обвинителството

Министерот оцени дека соработката со обвинителството е одлична во однос на предмети што не се високо профилирани, но истакна дека таа не е на задоволително ниво за останатите случаи.

  • Се надевам дека обвинителството ќе овозможи вистинска правда за граѓаните, што е клучно за изградба на нормална и функционална држава, додаде тој.

ДУИ претходно изјави дека евентуално укинување на одредби од Законот за употреба на јазиците ќе претставува удар врз стабилноста и мирот во земјата. Тошковски, пак, истакна дека сите институции мора да дејствуваат согласно законот и да ја почитуваат одлуката на Уставниот суд.