Без потврда за престојот на Груби од соседните земји
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби останува недостапен за македонските власти. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека ниту една соседна земја досега не доставила официјална потврда за можниот престој на Груби.
-
„Имаме добра комуникација и одлична соработка со министерствата за внатрешни работи од соседните земји, но до овој момент не сме добиле никаква информација за неговото престојување,“ рече Тошковски во интервју за ТВ Телма.
Апел за враќање и докажување на невиност
Тошковски истакна дека би сакал да верува во изјавите на Груби дека тој има намера да се врати во земјата.
- „Би сакал да верувам дека неговата изјава е искрена – дека имал приватни обврски, но дека ќе се врати и ќе преземе соодветни дејствија во рамките на постапката. Ако еден човек толку долго се занимавал со политика, најмалку што може да стори е да ги одложи обврските и да ја докаже својата невиност,“ изјави министерот.
Тој додаде дека МВР има капацитет да ја гарантира безбедноста на Груби при неговото враќање.
Истрага за можни дојавувачи во МВР и Обвинителството
На прашањето дали во МВР или Обвинителството имало јатаци кои го предупредиле Груби да ја напушти земјата, Тошковски потврди дека е започната истрага.
-
„Во овој момент не можам да откријам факти, бидејќи истрагата е во тек. Потребни се време и темелна анализа за да се утврдат сите детали,“ изјави тој.
-
Пропуст на граничниот премин Блаце
Тошковски зборуваше и за сериозниот пропуст на полицискиот службеник на Граничниот премин Блаце, кој не го задржал Груби иако бил на стоп-листа.
-
„Службеникот направил кардинална грешка бидејќи не го известил јавниот обвинител во моментот на запирање. Тој имал обврска да го задржи лицето, но наместо тоа, му го враќа пасошот и му дозволува да ја напушти земјата,“ рече Тошковски.
Потоа, полицискиот службеник по неколку минути констатирал дека Груби е на стоп-листата, но веќе било доцна да преземе дополнителни мерки.
Министерот Тошковски нагласи дека случајот бара дополнителна анализа и внатрешни реформи за да се избегнат вакви пропусти во иднина. Останува отворено прашањето за враќањето на Груби и разрешувањето на сомнежите преку законска постапка.