По драстичното зголемување на платите на функционерите за 78 отсто од претходната власт на СДСМ и ДУИ сега следува корекција. Веќе нема да има раст на на платите на функционерите, а промената е во коефициентот. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, Дафина Стојаноска и Ели Панова се иницијатори за намалување на коефициентите за пресметка на платите.
Намалување на коефициентите
Како што е наведено во измените, коефициентите се намалуваат на пониски вредности. Така, највисокиот коефициент од 3,92 ќе биде намален на 3,17. Коефициентот 3,48 ќе се намали на 3,08, додека коефициентот 3,22 ќе биде редуциран на 2,85. Понатаму, коефициентот 2,96 ќе биде заменет со 2,62, а најнискиот коефициент од 2,79 ќе биде намален на 2,47.
Колкава плата земаат моментално премиерот и министрите?
Ако се водиме според информациите на сајтот на Владата, платата на премиерот Христијан Мицкоски изнесува 140.450 денари (2.280 евра). Идентична плата зема и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Платите на останатите министри се по 115.540 денари (1.870 евра).
Коефициенти за високи функции
Од дополнувањата на Законот, може да се забележи дека највисокиот коефициент се пресметува за претседателот на Македонија и за претседателот на Собранието. Вториот по големина коефициент се користи за пресметка на платата на претседателот на Уставниот суд. Третиот по ред коефициент е наменет за плати на членови на Владата, претседатели на работни тела на Собранието, гувернерот на Народната банка, јавниот правобранител, народниот правобранител, како и за секретарите на Собранието и Владата.
Коефициенти за заменици и советници
Коефициентот за утврдување на платите на заменик-министри, директори на републички организации, раководители и советници во Кабинетот на претседателот на Македонија, како и за заменици на гувернерот, јавниот правобранител и народниот правобранител изнесува до 2,96.
Најмалиот коефициент
Најмалиот коефициент се применува за пресметка на платите на раководни работници именувани од Собранието, судии на апелационите судови, заменици на јавни обвинители, претседатели на основни судови и основни јавни обвинители, и изнесува до 2,79.
Намалување на платите на градоначалниците
Со законските измени е предвидено намалување и на платите на градоначалниците, при што се планира и намалување на нивните коефициенти.