Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, упати остри обвинувања кон СДС, тврдејќи дека партијата активно го штитела Артан Груби, иако биле свесни за неговите постапки.
СДС и Груби – алатка за опстанок на власт
Петрушевски нагласи дека однесувањето на Груби не им пречело само на СДС и Венко Филипче, додека дури и Бујар Османи се дистанцирал од него.
„СДС го брани Груби затоа што тој беше нивната алатка за одржување на власта. Груби имаше целосно одврзани раце да краде, со цел Заев, Ковачевски и Филипче да останат ден повеќе на функција,“ изјави Петрушевски.
ДУИ се оградува, СДС продолжува да го брани
Според Петрушевски, ДУИ активно се обидува да го избрише Артан Груби од својата историја, додека СДС пронаоѓа нови начини за негово оправдување.
„Дури и ДУИ сака да го заборави Груби, но СДС продолжува да го брани. Зошто? Затоа што тие заедно правеа криминал и корупција. Сега, кога бегството на Груби ги става сите факти на виделина, тие панично бараат изговори,“ додаде Петрушевски.
„СДС не може да избегне одговорност“
Петрушевски истакна дека врвот на СДС бил соизвршител на криминалите на Груби и дека партијата неминовно ќе сноси одговорност за своите постапки.
„Колку и да се препелкаат СДС во калта во која живи тонат, не може да се спасат од одговорност. Бегството на Груби само ќе ги открие сите неправилности и корупција кои тие ги криеле,“ заклучи Петрушевски.