Загадувањето на воздухот стана клучна тема во препукувањата меѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ. Двете партии обвинуваат една друга за недостаток на мерки за намалување на загадувањето, кое е долготраен проблем за граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ: „СДСМ потроши години на тендери наместо на чист воздух“

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека СДСМ, за време на своето седумгодишно владеење, не презела значајни чекори за подобрување на квалитетот на воздухот. Во нивното соопштение наведуваат:

„Со секое бледо напишано соопштение, СДСМ само ја потврдува својата неспособност. Да се грижеа за воздухот колку што се грижеа за местење матни тендери, до сега ќе имавме видливи резултати.“

ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека загадувањето не може да се реши преку ноќ и дека нивниот план е насочен кон долгорочни стратегии:

„Нашата власт се обврзува на системски пристап, со фокус на еколошки горива, централно затоплување и изградба на гасни централи.“

Според нив, веќе има заинтересирани инвеститори за проектите што ќе помогнат во намалување на загадувањето.

СДСМ: „ВМРО-ДПМНЕ не го исполнува ветеното за намалување на загадувањето на воздухот

СДСМ возвраќа со остри критики, обвинувајќи ја актуелната власт за игнорирање на проблемот со загадувањето на воздухот. Од опозициската партија потсетуваат:

„Како опозиција, ВМРО-ДПМНЕ ветуваше 1 милијарда евра за инвестиции во чист воздух и намалување на загадувањето за 50%. Сега, како власт, за седум месеци не презедоа ништо.“

Дополнително, СДСМ истакнува дека буџетот за 2025 година покажува намалување на средствата за борба против загадувањето за 51%. Тие додаваат дека:

„Ниту еден од нашите амандмани за зголемување на средствата за еколошки проекти не беше прифатен од власта.“

Долготраен проблем без итни решенија

И покрај обвинувањата, на граѓаните им останува очекувањето за конкретни мерки што ќе го подобрат квалитетот на воздухот. Како што покажуваат досегашните дебати, загадувањето на воздухот ќе остане на агендата како нерешен и комплексен проблем што бара долгогодишни вложувања и стратегии.