Пратеничката Рина Ајдари од Европскиот фронт остро ја критикуваше Владата за, како што рече, неспособноста да обезбеди меѓуетнички соживот по инцидентите поврзани со прославата на Денот на албанското знаме. Таа ги образложи предлозите за четири интерпелации, поднесени против работата на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, како и против министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени.

Критики против Изет Меџити

Според Ајдари, вицепремиерот Изет Меџити не ги заштитил интересите на албанската заедница и дозволил дискриминација.

Меџити молчи за дискриминацијата и неправдите кон Албанците. Наместо да го искористи својот авторитет за еднаков третман, тој ги поддржа селективните пристапи кон меѓуетничките настани, придонесувајќи за ескалација на кризите – изјави Ајдари.

Обвинувања против Тошковски и Исени

Во интерпелациите против министерот за внатрешни работи и неговиот заменик, Ајдари истакна дека тие ги нарушиле традиционалните и мирни прослави на Албанците, кои, според неа, секогаш се одвивале во празнична атмосфера.

Полицијата, наместо да го одржува јавниот ред, поттикна конфронтации и зголеми тензиите – рече таа.

Забелешки за Иван Стоилковиќ

Ајдари го обвини и вицепремиерот Иван Стоилковиќ за неговите ставови против жртвите од Сребреница.

Стоилковиќ не поддржа резолуцијата со која масовните убиства во Сребреница беа признати како геноцид, демонстрирајќи нечуствителност кон жртвите и нивните семејства – додаде таа.

Интерпелација за Илире Даути

Денеска ќе се разгледува и интерпелацијата поднесена од Левица против работата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути од Европскиот фронт.

Став на парламентарното мнозинство

Мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со пратениците од коалицијата „Вреди“, СДСМ и Левица, најави дека нема да ги поддржи интерпелациите против четворицата актуелни министри. За интерпелацијата против Даути, пратениците најавија дека ќе изградат став пред денешната седница.