Инспекциите на Управата за јавни приходи (УЈП) и Царинската управа утврдиле штета од најмалку 65 милиони евра врз буџетот на Македонија, поврзана со десетина фирми на струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, познат како близок до семејството Заеви.

Контролите откриле систематски финансиски малверзации, вклучително поврат на ДДВ преку фиктивни фирми, со што е направена голема штета врз државниот буџет. Записнички е документирано, но доставувањето на доказите до Обвинителството е одложено поради бирократски пречки.

Збунува тоа што надлежните органи за кривично гонење создаваат административни пречки и изнаоѓаат оправдувања, со што овој обемен доказен материјал не доаѓа до нив. Извор добро запознаен со ситуацијата за Плусинфо изјави дека ова однесување предизвикува сериозни сомнежи и може да се смета за потенцијален обид за сокривање на голем криминал.

Обвинителството под сомнение за одложувања

Добро упатен извор за Плусинфо изјави дека записниците од контролите, кои ја документираат штетата, не се доставени до Обвинителството поради нивното инсистирање да ги добијат преку Министерството за внатрешни работи (МВР).

  • „Штетата врз буџетот е неспорно констатирана преку поврат на ДДВ со фиктивни фирми. Се создава впечаток дека Обвинителството намерно одолговлекува за да му даде време на Крмзов да прикрива докази, да влијае врз сведоци или дури и да избега од земјата,“ вели изворот.

Фиктивни фирми и организиран криминал

Доказите укажуваат дека дел од финансиските малверзации се вршени преку менување на основачи и управители на фирмите на Крмзов. Потоа тие фирми се препродавале на фиктивни купувачи, најчесто од Косово.

Еден од примерите е купувањето на фирма од страна на извесен Б.Г. од Косово, за кој е утврдено дека не постои во косовската даночна администрација и не ја поминал македонско-косовската граница со валидни документи. Лажните купопродажби се заверувани во Централниот регистар со фиктивни нотарски документи.

  • „Мора да се истражи како овие фиктивни купопродажби се заверувале и кои нотари биле вклучени. Веројатно станува збор за добро организирана криминална група со учество на лица од повеќе институции,“ додава изворот.

За време на мандатот на Сања Лукаревска како директор на УЈП, се откриваше слична мрежа за злоупотреба на буџетски средства преку поврат на ДДВ со финансиски злоупотреби. Можно е МВР да треба да ги отвори и истражи досиејата од тој период, за да се идентификуваат евентуални пропусти. Сепак, моментално е клучно органите на кривичниот прогон да дејствуваат без одложување, бидејќи сме на трага на значителен криминал, за кој веќе се обезбедени конкретни докази за неколку фирми и шеми, со можност да се откријат уште – истакнува нашиот извор.

Претресите и богатите докази

Минатата година, при голема акција на МВР, УЈП, Царината и Обвинителството, Крмзов и уште три лица беа приведени во Струмица, Скопје и Гостивар. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави тогаш дека се откриени милионски суми како последица на даночна измама и перење пари.

  • „Првичните информации покажуваат дека штетата се должи на низа кривични дела, вклучувајќи даночно затајување, измами и перење пари,“ рече Тошковски.

Неодговорени прашања

И покрај темелните контроли на УЈП и Царината, предистрагата како да тапка во место. Прашањето што останува е – дали Крмзов ќе ја напушти земјата, слично на други осомничени?

Записниците ја потврдуваат сериозноста на случајот, но одложувањата во предавањето на доказите може да создадат дополнителни ризици. Дали органите на прогонот ќе преземат брзи чекори или ќе дозволат криминалната шема да продолжи?