Премиерот Зоран Заев денеска порача оти тој лично смета дека треба да има затоа што е дел од Зелената агенда која е главна преокупација на Европската Унија, а согласно климатските промени и Парискиот договор очигледно е и на светот, но тоа треба да го кажат службите.
Во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата, тој нагласи дека европско знаме на законските предлози се става по два основа од кој првиот е со коресподентни табели, кои значат целосно спроведување на одредени регулативи и директиви, а вториот согласно европската агенда, односно европските преокупации.
– Тоа треба да го проверат правните служби и да се утврди дали се става европско знаме или не. Во наредните денови ќе се разгледаат сите можни опции заради тоа што е поврзано со Зелената агенда која дефинитивно е преокупација на Европската Унија. Не постојат основи за коресподентни табели и нема директива и регулатива, но е поврзано со европската агенда и правните служби ја разгледуваат оваа опција како можност. Сепак, веруваме дека Парламентот ќе изнајде начин да се донесе законот заради тоа што со еколошката такса која е нова давачка дефинитивно нафтата кај нас останува најевтина во споредба со било која земја во соседството и од земјите-членки на ЕУ, рече Заев.
Воведувањето на таксата, како што кажа, доаѓа во момент кога се намалува и претходно зголемената акциза затоа што во моментов цената на нафтата е 597 долари по барел, а штом стигне до 600 веднаш се укинува дополнителната акциза од два денара.
– На тој начин се случува една своевидна компензација. Придобивките од воведувањето на еколошката такса се огромни, со нив фаќаме чекор со сите модерни и демократски земји кои водат грижа за здравјето на својот народ и создаваат еколошки фондови кои ќе бидат неопходни заради заштита на здравјето, воздухот и сите други еколошки аспекти на живеачката, потенцира Заев.