СДСМ не треба да бега од носење на заедничка Резолуција во македонското Собрание кое што ќе ги утврди националните црвени линии по однос на идентитетот, историјата и јазикот, велат од ВМРО-ДПМНЕ по реакцијата од СДСМ во која од владејачката партија одбиваат да се одржи расправа по прашањата од национален интерес велејќи дека Европа и светот ги знаат нашите идентитетски позиции.
Од опозициската партија велат дека со Резолуцијата ќе се изгради и за оваа, и за секоја идна влада позиција во преговорите. Во спротивно, велат, се отвора сомнеж дека некој е подготвен за пазарење со идентитетските обележја на штета на Македонија.
– Оттука доколку СДСМ сметаат дека за македонскиот идентитет не смее и не се преговара очекуваме да дадат поддршка на предложената Резолуција, бидејќи овој документ токму тоа и го акцентира. Доколку СДСМ и Заев навистина не преговараат за македонскиот идентитет, јазик, културна посебност согласно барањата на Бугарија, ваквата Резолуција само би ја зајакнала нивната позиција на масата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Истовремено потсетувааат на членовите на бугарскиот парламент кои без разлика на партиската, политичката и идеолошката определба едногласно и унисоно донесоа Резолуција за Македонија, па било апсурдно македонското Собрание да нема Резолуција за македонските национални интереси.
-Документот кој што Собранието на Македонија би требало да го донесе не е партиски текст туку е текст произлезен од највисоките научни, образовни и општествени институции и авторитети во Македонија како МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА. Во себе содржи дефиниции и позиции базирани на несоборливи факти и аргументи, кој што никој во државата не може и не смее да си дозволи заради политика да ги спори, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Несогласувањето со текст Резолуцијата и воопшто носење на ваква Резолуција е директно спорење со аргументите во декларацијата.