Пратеникот Антонио Милошоски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска го презентираше текстот од резолуцијата, по што побара Собранието да се обедини и да ја усвои како би се заштитиле и дефинирале позициите кои секоја идна македонска влада ќе ги застапува низ преговорите со Бугарија и било која држава која сака промена или да изврши удар врз македонскиот идентитет.
Резолуцијата, како што истакнаа од партијата, се заснова врз ставовите и аргументите презентирани од врвните научни институции како МАНУ и УКИМ, како и ставот на МПЦ-ОА за македонскиот идентитет.
Од владејачката партија пак, коментарите се дека нема потреба за ваков чекор. Аргументот кој го пласираат од СДСМ е дека Европа и светот знаат кои се црвените линии и затоа нема никаква реална потреба од резолуцијата која треба јасно да ги зацрта и заштити идентитетските линии и прашања кои Владата долго време тврди дека ги брани и за истите не преговара.
Тие денеска, преку соопштение повторија дека „јазикот и идентитетот се заштитени“. Од партијата велат дека ако Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни во својот идентитет не мора да поднесуваат декларации или какви било заклучоци до Собранието. Според нив, македонскиот јазик и македонскиот идентитет се меѓународно потврдени и признаени и нема потреба од било каква расправа за тие прашања особено не во македонското собрание. Ставот остава многу прашања отворени, а наведува и на логични заклучоци дека СДСМ не само што со неприфаќањето на резолуцијата е подготвена на нови национални отстапки, туку дека отворено контрира на ставовите на МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА.
Во соопштение денеска, опозицијата исто така повтори дека Резолуцијата само би можела да ги зајакне позициите при преговорите со Бугарија, но додадоа дека Заев и СДСМ најверојатно преговараат за овие спорни прашања и токму затоа истата е неприфатлива за нив.
– Оттука доколку СДСМ сметаат дека за македонскиот идентитет не смее и не се преговара очекуваме да дадат поддршка на предложената Резолуција, бидејќи овој документ токму тоа и го акцентира. Доколку СДСМ и Заев навистина не преговараат за македонскиот идентитет, јазик, културна посебност согласно барањата на Бугарија, ваквата Резолуција само би ја зајакнала нивната позиција на масата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Кои се ставовите на овие институции кон кои се повика ВМРО-ДПМНЕ во резолуцијата?
Во почетокот на декември минатата година, МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА презентираа Меморандум, насловен „Македонски манифест“, а потпишан од првите луѓе на овие институции: претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан и ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски.
„Ги повикуваме и ги охрабруваме претседателот на македонската држава, Собранието на Републиката, претседателот на Владата, печатените и електронските медиуми, научните, културните и уметничките институции и здруженија, соодветните министерства за образование и наука, за култура и за надворешни работи, собраниските и вонсобраниските политички партии, како и сите граѓани на Македонија:
– преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ;
– да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет;
– да се уважуваат не само објективните факти и научната аргументација, туку и комплексната интерпретација на историските факти, настани и личности;
– да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право“, се наведува во Меморандумот на МАНУ, УКИМ и на МПЦ-ОА
Кога можеме да очекуваме влез на резолуцијата во Собранието на РМ?
Милошоски денеска најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го предложи текстот на предлог резолуцијата уште оваа недела, но не прецизираше конкретно на кој ден. Тој истакна дека очекува поддршка и како партија ќе вложат напори за резолуцијата да биде дискутирана и со другите парламентарни партии.
– Затоа сметаме дека владејачката коалиција, опозиционите партии и секој пратеник поединец би било добро да ја разгледа оваа предлог резолуција и ние во следниот период ќе направиме напори за оваа предлог резолуција во Собранието да разговараме со пратениците од Алијанса, Алтернатива, од ЛДП, од ДОМ, од Демократски сојуз, од Левица, и од други партии кои што ценат дека една заедничка политичка предлог резолуција ќе ги зајакне македонските дипломатски позиции, а исто така ќе упати една праведна и јасна порака и до Бугарија и до нашите пријатели во ЕУ, рече Милошоски на прес-конференција.