Грчките власти оваа недела вратија дел од ограничувачките мерки за рестораните, ноќните клубови и кафулињата. Правилата важат од утре и тие забрануваат да се служат гости што стојат.
– Тоа е чекор наназад што сигурно ќе влијае на туризмот, но се чини дека е потребно за да не го изгубиме остатокот од летото. Ќе бидеме трпеливи, изјави 27-годишниот Илиас Бабачикос, менаџер на кафуле на плажа во крајбрежното предградие на Атина, Алимос.
Здравствените власти се загрижени за неодамнешниот пораст на бројот на нови инфекции и појавата на заразени со делта сојот. Вчера имало 1.797 новоинфицирани, двојно повеќе од претходниот ден.
Бабачикос рече дека ќе биде тешко да се контролираат луѓето, но изрази надеж дека гостите ќе ги почитуваат мерките, пренесува Ројтерс. Властите соопштија дека во многу од новите случаи станува збор за млади луѓе, заразени на места за забава. Властите предупредиле дека лицата што ги прекршуваат новите правила ќе бидат строго казнети, а оние што постојано ќе ги кршат, ќе ги загубат работните дозволи.
– Мислам дека ова е погрешна одлука затоа што во кафулињата наменети за гости што стојат е многу тешко да се каже некому дека треба да седне. Ова ќе ни направи голема штета, вели Мариос Марку, 37-годишен менаџер на кафуле во центарот на Атина.
Речиси 38 проценти од грчкото население се вакцинирани, а владата го мотивира населението да се вакцинира, вклучително и со давање пари и бесплатни мобилни апликации за млади, преку низа иницијативи. Целта е да се вакцинираат 70 проценти од населението до есен.
– Тоа е несакан развој, но разбираме зошто се случува. Клучно е сите да се вакцинираат, рече 48-годишниот Космас Теодоридис, гостин во кафуле во грчката престолнина.