– За конкретни наши евентуално препораки ќе разговараме оваа недела на состанот на Комисијата за заразни болести. Тоа што се уште не се знае, а чекаме да излезат публикации се информациите кои ни требаат во врска со тежината на клиничката слика односно да видиме како се однесува овој вирус кај луѓе кои се или не се вакцинирани. Затоа акцент ставаме на вакцинацијата. Апелираме што поголем број граѓани да се вакцинираат поради тоа што после оваа мутација може да дојде некоја друга, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.

На Комисијата, посочи, ќе се зборува за тоа дали треба нешто да се препорача во однос на критериумите за влез на границите, иако гледаме дека во многу земји во регионот покрај тоа што имаат некакви рестриктивни мерки, како во Грција на пример, има пораст на заболени.

– Значи треба да се препорачаат мерки кои треба да бидат ефикасни. Во овој момент ситуацијата е мирна, нема голем број прегледи по болниците за пациенти суспектни на Ковид-19, така што во овој момент некакви рестриктивни дополнителни мерки што се однесува до функционирањето не се препорачани, рече Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на болницата „Св. Еразмо“ во Охрид по повод реконструкција и опрема за Центарот за физикална терапија.

Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека со кредитот од Светска банка целосно ќе се опреми болницата „Св. Еразмо“ во Охрид, како и Ургентниот центар во Тетово и новото крило во болницата во Струмица.

Филипче при посетата на болницатата беше придружуван од министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.