– Две и пол години слушаме, Спиро ги организирал протестите преку партиски структури, испраќал пораки со содржина “лицата за интервентни ситуации, бидете на готовс”, на 27-ми април зборел со Богдан Илиевски, Нинџа го видел како координирал од 8-ми кат, го организирал членството за масовност на протестите, а на 27-ми април го мобилизирал членството од Скопје и други градови што помасовно да тргнат кон Скопје, го организирал нивниот превоз до Скопје, рече Ристовски на денешното рочиште за завршни зборови.
Тој додаде дека 2 години бил во притвор за овие дејствија кои во завршните зборови Обвинителството со измена на Обвинителниот акт потврди дека не ги сторил, за потоа да каже дека Кривичното дело “терористичко загрозување на уставен поредок” сега го сторил со грижење за тоа во кој град во колку часот да започне протестот.
– Повторувам, СО ГРИЖЕЊЕ ЗА ТОА ВО КОЈ ГРАД ВО КОЛКУ ЧАСОТ ДА ЗАПОЧНЕ ПРОТЕСТОТ, повтори Ристовски.
Тој се осврна на деловите од стариот обвинителен акт кои повеќе ги нема бидејќи Рускоска немаше докази за нив.
– Нема веќе организирање на комитети. Исчезнаа тврдењата дека јас сум праќал пораки – лицата за интервентни ситуации бидете на готовс. Исчезна и тоа дека на 27ми април на осмиот кат сум го организирал членството да тргне кон Скопје, при што и сум го организирал нивниот превоз. НИШТО од тоа веќе нема почитувани судии. Ама сега сум се грижел за тоа во кој град во колку часот да започне протестот…, рече Ристовски.
Тој вели дека постојано бил конзистентен во своите искази и тврдења, за разлика од обвинителството.
– Конзистентен бев кога Обвинителството ја затвори истрагата без да обезбеди исказ од мене, иако речиси 4 месеци бев во ефективен притвор, достапен во секој момент на Обвинителството. Конзистентен бев и тогаш кога на барање на моите адвокати по завршување на истрагата дадов исказ пред Обвинителство без увид во комплетниот доказен материјал, дадов воведен говор без увид во доказите, а конзистентен сум и денес кога го давам пред Вас мојот завршен збор, потенцира Ристовски.
Според него, доказите на обвинителството се цело време исти, само што Обвинителството не ги давало на одбраната затоа што јасно се гледа од нив дека обвинетиот не ги сторил дејствијата, туку брзале да ја затворат истрагата.
– Во оваа прилика сакам да Ви се заблагодарам Вам, како судечки совет, бидејќи Вие после давањето на воведниот говор ни ги дадовте доказите за прв пат, но и во текот на постапката ни ги обезбедивте доказите кои им ги предложивме на обвинителството уште во текот на истрагата. Тогаш успеавме да ја демонтираме целокупната невистина на обвинителството, додаде Ристовски.