Белата куќа соопшти дека покренува операција за спасување на сите оние што сè уште чекаат специјална имигрантска виза за Америка, пренесува Гласот на Америка.
– Од безбедносни причини не можеме точно да кажеме колку луѓе се вклучени. Но можам да потврдам дека летовите од Авганистан за оние што се подготвени ќе бидат организирани веќе на крајот на јули. Нашата цел е сите оние што ги исполнуваат условите да ги изнесеме од Авганистан до крајот на август, изјави портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.
Конечните дестинации на тие цивилни летови не се прецизирани, а медиумите известуваат дека во тек се преговори со Казахстан, Таџикистан и Узбекистан.
На прашањето дали американската територија Гуам ќе биде една од дестинациите за евакуираните, Псаки рече дека не може да исклучи ниту едно место, бидејќи фокусот е ставен на безбедноста на тие лица. Властите на островот Гуам го поздравија планот за привремено сместување на Авганистанците таму.
Портпаролот на Пентагон Џон Кирби изјави дека се разгледани потенцијални места за евакуација, дека некои не се под американска администрација, но дека сè уште не е конечно решено.
Акцијата на крај може да вклучи десетици илјади луѓе, вклучувајќи ги и семејствата на авганистанските преведувачи и други што работеле за САД во Авганистан.
– За да го исполниме ветувањето дадено на нашите авганистански сојузници, ние мора да евакуираме околу 18.000 Авганистанци што работеа за Соединетите Држави, рече Џенифер Квигли од организацијата „Човековите права на прво место“.
Во изминатите недели талибанците успеаја да повратат значителен дел од територијата на северот на Авганистан, што значи дека опасноста за Авганистанците што работеле за американска армија станува поголема.
Соединетите Држави ќе мора брзо да работат и да ги евакуираат оние што поднеле барање за виза затоа што талибанците брзо освојуваат територија и покажаа дека не се двоумат да напаѓаат поединци како што се пилоти, новинари, активисти за човекови права.