За овие состојби се одржа јавна дебата со фокус врз состојбите со корупцијата во правосудството, организирана од Антикорупциската комисија.
Според ИРИ, судството се наоѓа на дното на ниво на доверба.
– Она што е жалосно, веројатно и поразително е дека ова е континуирано ниво на недоверба…, рече Илина Мангова од ИРИ.
Но, шефот на скопскиот Кривичен суд, Иван Џолев, смета дека анкетата покажала позитивно поместување. Според него, вината за корупцијата не треба да се бара само кај функционерите, туку и кај граѓаните. Џолев јавно откри дека и нему му нуделе мито.
– На мене ми пристапуваат голем број на луѓе, граѓани, коишто самите викаат – еј слушај, дај за оваа работа вака – така… Ајде викам – ве молам. Ве молам! Меѓутоа, така размислува нашиот граѓанин дека тој за нешто треба да даде, ајде да бидам благ, бакшиш…, рече Иван Џолев, претседател на Кривичен суд – Скопје.
Околу 20 отсто од претставките што ги добиле антикорупционерите биле од незадоволни граѓани од судските одлуки.
– Како потврда на ова, може да се посочат резултатите од истражувањата на Балканскиот Барометар за 2021 година спроведено од Регионалниот совет за соработка каде што е утврдено дека 81,1% од граѓаните сметаат дека судството е најкорумпирано. Ако е за утеха, овој процент е малку помал од претходната година, меѓутоа сепак е многу висок…, изјави Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој учествуваше на дебатата, ја убедуваше правната фела дека Владата активно работи да се спречат сите обиди за изигрување на правдата.