Во вакви услови Владата на синоќешната седница врз основа на препорака на Комисијата за заразни болести, донесе одлука за зајакнати контроли на постоечките анти-КОВИД мерки, како и целосна забрана на секаков тип настани и работа на угостителски објекти на затворено од 16 август и задолжителна потврда за вакцина, најмалку со прва доза, при влез на настан или објект со повеќе од 30 присутни на отворено од 15 август.
Со владината Одлуката до 15 август сите угостителски објекти регистрирани за прослави смеат да работат на затворено, само со почитување на КОВИД-19 мерките, со исполнетост до 40 отсто од капацитетот и најмногу 250 гости, согласно постојните протоколи кои се во сила.
За ноќните клубови (дискотеки), кабареа, барови останува забраната за работа во затворениот дел од објектот, освен во отворениот дел (тераси) со 50 отсто од капацитетот на просторот и ограничен број посетители до најмногу 1.000 посетители, согласно постојните протоколи, се наведува во соопштението.
Покрај ова, од 16 август целосно се забранува работа и организација на секаков вид настани на затворено во сите угостителски објекти и кафетерии, вклучително и прослави во угостителски објекти регистрирани за прослави или друг тип објекти од затворен тип.
Од 16 август 2021 година се воведува обврска за приложување доказ за извршена имунизација со најмалку прва доза за влез во секаков вид објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани). Приложувањето и поседувањето на потврда за извршена имунизација се однесува на лица над 18 годишна возраст, се додава во соопштението.
Со владината одлука се задолжуваат надлежните инспекциски служби во претстојниот период да ги интензивираат контролите со цел стриктна примена и почитување на превентивните препораки, времените мерки и наредените мерки по однос на КОВИД-19.
Ваквата одлука беше донесена на предлог на Комисијата за заразни болести, според која во следниот период клучно е да се почитува забраната за одржување на сите масовни настани на затворено, а граѓаните мора да разберат дека оваа мерка е нужна, како и мерките за лична заштита и тоа пред се носење маски на затворено и засилување на теренската вакцинација и комуникацијата на локално ниво со цел зголемување на опфатот, бидејќи е јасно дека само со вакцинација може да се спречат и ширењето и ризиците од тешко заболување кај пациентите.
Состојбата во Тетово, како што посочи вчера Министерството за здравство, е крајно сериозна и новиот бран е веќе пристигнат, а тоа беше за очекување бидејќи состојбата е слична секаде во регионот.
– Летните одмори донесоа голема фреквенција на движење и тоа беше очекувано, оттука мора да се вратат одредени мерки на сила за да се спречи поголемо ширење на вирусот. Анализите кои беа изработени изминативе денови од Институтот за јавно здравје укажуваат дека вирусот пред се се шири кај невакцинираните, при што над 90 отсто од новите случаи се невакцинирани граѓани. Од друга страна опфатот со вакцинација е под 20 проценти во Тетово. Како кластери каде најбрзо се шири вирусот се свадби и прослави на затворено, кои ги има многу во овој регион, а според информациите на локално ниво воопшто не се почитуваат мерките за превенција, пред се носење маски на затворено, информираа од Министерството.
Од анализата на ИЈЗ за изминатиов период, како што потецираа, од оние кои биле целосно вакцинирани само 11 пациенти досега се хоспитализирани и само 167 од преку 400.000 вакцинирани граѓани се инфицирале.
Според податоците за бројот на вакцинирани во државава, на вакциналните пунктови и на терен, заклучно со вчера вакцина примиле се вкупно 533.386 граѓани.
Прва доза вакцина вчера примиле 4.990 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.137 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 958.742 дози вакцини, а ревакцинирани се 425.356 граѓани. Со последните бројки, барем една доза вакцина имаат примено 65 отсто од населението над 70 години, 62 отсто од лицата над 65 години, 58 отсто од оние над 60 години и 48 отсто од граѓаните над 50 години.
Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата, информираат од Министерството и апелираат граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање, бидејќи само на овој начин ќе успееме да го победиме вирусот.
Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 157.627, бројот на оздравени пациенти е 150.506, а на починати е 5.503.