Свеченоста беше следена директно на плоштадот Трокадеро во Париз, јави дописникот на МИА.
Церемонијата на затворање на Олимписките игри во Токио беше следено директно кај новиот домаќин – Парзи, каде за оваа прилика, беше уредена фан зона во градините на Трокадеро, каде имаа пристап само оние со сертификат за вакцинација.
Во оваа прилика, градоначлничката на Париз Ан Идалго беше во Токио за да го преземе олимиското знаме, додека Тони Естангет, претседател на ОК Париз 2024 година беше присутен на плоштадот Трокадеро заедно со сите француски спортисти кои освоија медали во Токио.
Публиката присутна во подножјето на Ајфеловата кула можеше да го набљудува поминувањето над кулата на Патролата на Франција, но и емитувањето на „уметничка секвенца од Париз 2024 година“. Организацискиот комитет не сакаше да ги открие сите изненадувања кои ги очекуваат гледачите. Над Ајфеловата кула се развеа огромно знаме, големо колку еден фудбалски терен.
Концертот на уметникот Вудкид, кој ја потпиша оригиналната музика за Олимписките игри во Париз 2024 година, снимена со националниот оркестар на Франција и Маитрис де радио Франс, дефинитивно го означи крајот на ова уникатно издание, обележано со отсуството на публиката во Јапонија поради ситуацијата со пандемијата на Ковид-19, со надеж дека ќе се врати во нормала во 2024 година.