Салата „Борис Трајковски“, каде што се спроведуваше масовна вакцинација, од почетокот на месецов не работи како вакцинален пункт, па во Скопје како места за вакцинирање останаа поликлиниките „Јане Сандански“, „Букурешт“ и „Чаир“.
– Од 16 август без потврда за вакцинација нема влез на концерти и настани на затворено, угостителите ќе работат само на терасите
Во текот на вчерашниот ден имаше огромна гужва до затворањето на поликлиниката „Јане Сандански“ во 19 часот, а истата гужва продолжи и утринава пред 8 часот. Пред поликлиниката имаше 200-300 луѓе, по што персоналот направи посебни списоци за примање прва и втора доза. Медицински сестри и лекар излегоа надвор и ги вакцинираа граѓаните дојдени за прва доза, додека внатре се примаа оние за втора доза. Пред поликлиниката е присутна полиција, но не успева да воведе ред.
Паралелно со вакцинацијата без закажување се одвива и ревакцинацијата на децата од 12 до 16 години, за кои вакцината на „Фајзер“ кај нас беше одобрена минатиот месец.
Од Министерството за здравство утринава соопштија дека во текот на вчерашниот ден е забележан значително зголемен интерес за вакцинација помеѓу граѓаните.
– На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 543.597 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 8.030 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 17.679 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 982.645 дози вакцини, а ревакцинирани се 439.048 граѓани, велат од Министерството за здравство.