Во тек е постапката за јавен увид во Избирачкиот список која ќе трае до 9 септември 2021 година.
-Заклучно со вчерашниот ден вкупно 3910 лица се провериле во Избирачкиот список, поднесени се девет барања за запишување во Избирачкиот список, 12 барање за бришење на податоците од Избирачкиот список и три барања за измена на податоците во Избирачкиот список, а до Државната изборна комисија, на е-маил адресата upisis@sec.mk се поднесени вкупно 14 барања.
Партиите продолжуваат да ги објавуваат имињата на нивните кандидати за градоначалници. Потписи за градоначалничка кандидатура за Скопје денеска собира и Данела Арсовска.
СДСМ досега утврдила кандидати за 51 општина. Последно тие ги објавија имињата на уште 16 кандидати за градоначалници за претстојните локални избори.
Од партијата ги уверуваат граѓаните дека СДСМ ја има најдобрата кадровска и програмска понуда за секоја општина. Тоа е препознаено и од граѓаните, затоа СДСМ води на сите анкети, затоа е убедлив фаворит на локалните избори, велат од партијата.
Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев изјави дека неговата партија јасно стои на пораката за заеднички настап и меѓусебна поддршка на овие локални избори.
– Јасно е единството на коалицијата на централно ниво кое се преточува во коалиција на локално ниво која со своите специфики на локалните избори каде се бира личност претставува демократски осврт на оваа владејачка гарнитура. Логично е некаде каде што можеме во првиот круг да се поддржиме, коалициските партнери да се поддржат и се поддржуваме. Таму каде што не може, ќе се поддржуваме во вториот круг. Затоа е јасно како ќе настапиме насекаде во нашата земја, рече Заев во одговор на прашање при денешното означување на почетокот на градба на мостот „Љубљанска“ во Скопје.
Иако БЕСА е помал партнер од СДСМ и ДУИ, посочи тој, и даваме шанса скоро секаде да настапи.
-На тој начин граѓаните имаат опција насекаде да ги изберат најдобрите кандидати и кој од нашите коалициски партнери, вклучувајќи ги и СДСМ, ДУИ, БЕСА, ДПА и другите помалку бројни партии, ќе добие поддршка од граѓаните на нивниот кандидат сите ќе го поддржиме во вториот круг, наспроти опозицискиот кандидат, прецизира Заев.
За него големиот број на независни листи на локалните избори покажува дека има демократија. Смета дека дел од тие листи нема да имаат претставници во локалната власт, а дел по неколку.
Истакна дека има доволно време до 11 септември, кога истекува рокот за поднесување на листи, за да се направи вистинскиот избор на кандидати на СДСМ за локалните избори.
Рокот за поднесување на листите е 11 септември, а локалните избори ќе се одржат на 17 октомври.