Новиот кандидат на СДСМ, Оливер Илиевски, секретар на општинската организација на партијата, практично, ќе му биде противкандидат на Димитриевски, кој минатата седмица собра потписи за независен кандидат, соочен со тактизирањата на партискиот врв околу утврдувањето на кандидатурата за најголемата општина во државата. Со овој потег, Димитриевски влезе во отворен конфликт со партискиот врв.
Генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски, денеска промовирајќи го новиот кандидат за Куманово, рече дека Димитриевски сам се исклучил од партијата. Тој нагласи дека СДСМ има само еден кандидат во Куманово, алудирајќи на забелешките во јавноста дека во најголемата општина во државата СДСМ ќе се натпреварува против СДСМ на овие избори.
Од СДСМ нема засега официјален одговор кој партиски форум ја донел одлуката за исклучување на Димитриевски, односно дали тоа се случило на синоќешната седница на Извршниот одбор. Сепак, високи партиски извори потврдуваат дека исклучувањето е завршена работа.
– Согласно статутот на СДСМ, со ваквата одлука на Димитриевски автоматски се исклучува од членството во СДСМ, велат од партиското раководство за „360 степени“.