Проблеми со спроведувањето на пописот премиерот Зоран Заев не очекува и соопшти како ќе се решаваат проблемите со оние граѓани кои нема да сакаат да примат неимунизиран попишувач во својот дом.
Ќе се трудиме секојпат со максимална флексибилност. Разговарав со министерот за правда и во една прилика и со директорот на Заводот за статистика каде што секако кога ќе се случат вакви ситуации може да се направи рокада на попишувачите за да може флексибилно да излеземе пред се во барањата и очекувањата на граѓаните, рече премиерот.
Заев рече дека е мал процентот на ваквите реакции, затоа што и поголем дел од попишувачите се имунизирани, а, како што рече, и над 50 проценти граѓани над 40 години се исто така имунизирани.
И попишувачите се имунизирани во значителен процент. Мислам дека имајќи во предвид дека пописот се спроведува 20 дена, овој пат е 25 дена имаме дополнителни можности за флексибилно постапување се со конечна цел стопроцентно да ги собереме сите податоци од нашите граѓани, истакна Заев при посетата на средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“.
Пописот ќе почне в недела, на 5 септември и ќе трае до 30 септември, кога завршува и онлајн пописот на дијаспората што почна на 1 март.