Американската воздухопловна агенција (ФАА) вчера објави дека вселенското летало „Спејсшип 2“ на „Вирџин галактик“ нема повторно да лета поради истрагата за инцидент на летот во јули, кога милијардерот Ричард Бренсон – основачот на компанијата, мина неколку минути во Вселената.

„Вселенското летало нема да може да лета додека ФAA не го одобри извештајот за истрагата или не потврди дека проблемите поврзани со инцидентот не влијаат врз општата безбедност“, се вели во соопштението.

Во тек е истрага за отстапување од патеката при летот, што беше внимателно проследен од медиумите и којшто требаше да го означи влезот на компанијата во ерата на вселенскиот туризам.

„’Спејсшип 2‘ отстапи од траекторијата одобрена од контролата на летање, на враќањето кон Спејспорт Америка (космодромот во пустината во американската сојузна држава Ново Мексико)“, се наведува во соопштението.

„Њујоркер“ завчера објави дека во кокпитот на бродот биле вклучени предупредувања за безбедност за време на летот, укажувајќи на сериозен проблем што би можел да доведе до фатален исход.